Колумнистката која го обвини поранешниот американски претседател Доналд Трамп дека ја силувал во 1990-тите, денеска во Њујорк поднесе дополнителна тужба против него, само неколку минути откако стапи на сила новиот закон што им овозможува на жртвите на сексуално насилство да покренуваат тужбени постапки за напади што се случиле пред неколку децении.
Е. Џин Керол, долгогодишна колумнистка за списанието „Ел“ (Elle), првпат за инцидентот проговори во 2019 година, посочувајќи дека Трамп ја силувал во соблекувалната на луксузна стоковна куќа на Менхетен во 1995 или 1996 година.
Трамп рече дека тоа не било можно да се случи бидејќи таа „не е негов тип“.
Керол последователно го тужеше Трамп за клевета, но целиот процес беше закочен во апелациските судови, бидејќи судиите не можеа да се согласат околу тоа дали Трамп е заштитен од тужби за клевета додека е на функција. Тогаш таа не можеше да поднесе тужба за силување бидејќи од наводниот сексуален напад изминало премногу време.
Во нејзиното ново обвинение, Керол тврди дека Трамп ја силувал, како и дека извршил клевета со тоа што го негирал нападот. Таа побара неодредена отштета, како и казнена отштета за болка и страдање, психички повреди, губење на достоинството и оштетување на нејзиниот углед.
Трамп рече дека Керол „ја измислила целата приказна“.
„Тоа е измама и лага, како и сите други измами што беа извршени против мене во изминатите седум години“, рече поранешниот американски претседател.