Колумбиската морнарица излезе со соопштение за запленување на најголемата нарко-подморница во историјата на Колумбија, пренесува МИА. Како што јавуваат колумбиските медиуми, подморницата е долга 30 метри и широка три метра, а во неа имало три тони кокаин.
Подморницата била запрена во вторникот, додека била на пат кон Централна Америка. Ова е досега најголемата откриена нарко-подморница. Ваков тип на пловни објекти за таа намена Колумбија почна да користи во 1993 година, а во тоа време беше земја со најголемо производство на кокаин во светот.
Во текот на изминативе три децении, морнарицата запленила 228 подморници што носеле илјадници килограми кокаин, пловејќи преку Пацификот до САД или преку Атлантикот до Европа.