Фото: Пиксабеј

Американец со постојан престој во Хонгконг е осуден на доживотен затвор во Кина под обвинение за шпионажа, суд во Сужоу, источна Кина, пренесува МИА.

Во оваа азиска држава, толку висока казна за странски државјанин за ваков вид обвинение се случува релативно ретко. Постои веројатност дека тоа дополнително ќе ги влоши кинеско-американските односи, кои и онака се веќе на најниско ниво, јавија американски медиуми.

Џон Шин-ван Леунг, познат и како Лианг Чунјун, „беше прогласен за виновен за шпионажа и осуден на доживотен затвор и лишување од политички права“, се вели во соопштението на суд во Сужоу, источна Кина. За време на судењето, кое денеска се одржа зад затворени врати, беа конфискувани и личните средства на 78-годишниот Американец во износ од 500.000 јуани (66.000 евра).

Во соопштението за јавноста не се прецизирани точните обвиненија според кои е осуден американскиот државјанин, ниту со која професија или дејност тој се занимавал во Кина.