Фото: Твитер/Официјален профил на Рустем Умеров

Новиот министер за одбрана на Украина, Рустем Умеров денеска изјави дека ќе ја врати контролата „на секој сантиметар од украинската земја“ од Русија и дека ќе ги врати дома сите затвореници.

Во својот прв говор во Парламентот на Украина како новоизбран министер за одбрана, тој рече дека „ќе направи се што е можно и невозможно Украина да победи“, пренесе „Си-ен-ен“.

– Четириесет и два милиони Украинци стојат зад секој војник. Зад секој војник стои министерство кое ќе направи се за да го заштити и обезбеди целиот наш народ. Нашиот народ, нивните животи и достоинство се наш приоритет и најголема вредност – рече тој.

Парламентот на Украина денеска го одобри именувањето на Умеров за министер за одбрана, бидејќи претседателот на Украина Володимир Зеленски во неделата објави разрешување на поранешниот министер Олексеј Резников, кој потоа поднесе оставка до Парламентот.

Умеров (41), поранешен адвокат и кримски Татар, е член на опозициската партија Холос и од септември 2022 година е на чело на Украинскиот фонд за државен имот. Тој има и значајна улога во различни хуманитарни активности – размена на воени заробеници, политички затвореници, деца и цивили, како и евакуација на цивили од окупираните територии. Тој, исто така, беше вклучен и во преговорите за извоз на украинското жито преку Црно Море.

Тој е заменик-шеф на постојаната делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, претставувајќи ги кримските Татари и е советник на поранешниот претседател на Меџлисот на Кримските Татари, Мустафа Џемилев. Од декември 2020 година, Умеров ќе ја преземе улогата на копретседавач на дипломатската иницијатива на Кримската платформа.