И покрај актуелната преокупација со ситуацијата во Украина, САД остануваат дипломатски активни и меѓу земјите во Југоисточна Азија, а наскоро ќе следуваат нови конкретни активности на американскиот претседател на азискиот континент, во обид да ги зацврсти врските со земјите во регионот, наспроти сѐ поголемото кинеско влијание

Анализа: Вашингтон сака да го задржи својот фокус на Азија

Минатонеделниот самит на Соединетите Американски Држави и Асоцијацијата на државите од Југоисточна Азија (АСЕАН) го привлече вниманието на светската јавност поради повеќе причини. Пред сѐ, за многумина беше енигма како ќе се позиционираат САД со оглед на нивната сегашна преокупација со ситуацијата во Украина, но и намерата да го задржат својот фокус на Азија и да го „скротат“ влијанието на Кина, која Вашингтон ја гледа како свој клучен геополитички ривал. Наедно, тоа беше прв таков состанок одржан во Белата куќа, со оглед на тоа што последниот самит на САД и на АСЕАН, кон крајот на мандатот на Барак Обама, се одржа во Калифорнија.

Бајден ја најави „новата ера“

Но она што е уште поважно е дека самитот се одржа непосредно пред првата претседателска посета на Џо Бајден на Азија, каде што ќе ги посети Јапонија и Јужна Кореја, а ќе се сретне и со лидерите на Индија и на Австралија. Аналитичарите очекуваат многу од посетата на Бајден, кој уште еднаш одлучно ги потврди ставовите на Белата куќа за регионот на Азија и на Австралија на самитот на лидерите на АСЕАН. Силен впечаток во јавноста оставија зборовите на Бајден, кој го најави почетокот на „новата ера“ во односите меѓу Соединетите Американски Држави и важниот блок од 10 земји од Југоисточна Азија: Брунеи, Камбоџа, Индонезија, Лаос, Малезија, Мјанмар, Филипини, Сингапур, Тајланд и Виетнам. Оттаму, најавата за „новата ера“ беше протолкувана дека Вашингтон сака да го зајакне своето влијание во земјите на АСЕАН, наспроти зголеменото влијание на Пекинг во тој дел од светот. Доказ за тоа дека се потребни драстични промени е фактот што економската размена меѓу Кина и земјите на АСЕАН пред две години изнесуваше 700 милијарди долари, што е двојно повеќе од трговската размена меѓу АСЕАН и САД. Уверувајќи дека зајакнувањето на врските со АСЕАН е во срцето на неговата надворешна политика, Бајден всушност се обидува да ги исправи грешките на неговиот претходник Доналд Трамп, за време на чиј мандат Вашингтон се повлече од трговскиот договор со земјите на АСЕАН, што потоа вешто го искористи Кина.
И сега, по долгогодишно занемарување на односите со земјите од АСЕАН, новата американска администрација се обидува да ја врати изгубената позиција и да ги потсети лидерите на таа асоцијација дека АСЕАН е основана во 1967 година токму за да се спротивстави на идеолошката доминација на Кина во тој дел од светот, иако Кина подоцна, благодарејќи на нејзината дипломатска пробивност и моќта на нејзината економија, успеа да ги консолидира своите позиции во повеќето земји на АСЕАН. Дипломатската иницијатива на Бајден ги става лидерите на земјите од АСЕАН во крајно незавидна ситуација, принудувајќи ги да изберат меѓу Вашингтон и Пекинг, што тие ќе се обидат да го избегнат по секоја цена, знаејќи дека во евентуална конфронтација и ривалство меѓу двете велесили токму нивните земји, како што секогаш се случува, ќе го извлечат подебелиот крај.

Дипломатските напори се судираат со економски пречки

Ситуацијата дополнително се искомплицира со руската инвазија на Украина, која исто така беше во фокусот на разговорите во Вашингтон меѓу Бајден и лидерите на АСЕАН. Бајден се обидува да обезбеди поддршка за неговата политика на санкции, која засега неуспешно се обидува да ја запре руската операција. А кога станува збор за членките на АСЕАН, Бајден не беше особено успешен, имајќи предвид дека од сите земји во групата досега, само Сингапур прифати санкции против Русија, додека другите членки на асоцијацијата не се подготвени да се откажат од руската енергија, од која зависат нивните економии.
И како што членките на АСЕАН не сакаат отворено да се приклучат на антирускиот блок, така, барем засега, не сакаат директно да ѝ се спротивстават на Кина и покрај американскиот притисок и уверувањето дека членовите на АСЕАН се добредојдени на четиричлениот форум КВАД, во кој покрај САД се и Австралија, Индија и Јапонија. Сепак, малку е веројатно дека членките на АСЕАН ќе побрзаат да одговорат позитивно на повикот на САД, со оглед на тоа дека тоа би ги соочило со Кина. Исто како што зависат од руската нафта, земјите на АСЕАН зависат од кинеската економија и инвестиции, сите се вклучени во кинескиот мегапроект „Појас и пат“, а дополнителните 150 милиони долари што Бајден им ги вети на самитот во Вашингтон за поморската безбедност и борбата против пандемијата, ништо значајно нема да променат во тој поглед.

Подготвил: Марјан Велевски