Кинеските власти објавија предупредување во врска со формирање сојузи од типот на НАТО во азиско-пацифичкиот регион. Според кинескиот министер за одбрана Ли Шанфу, таквите сојузи би биле еден вид „киднапирање на земјите од регионот и преувеличување на конфликти и конфронтации“. Според него, ова само ќе го втурне азиско-пацифичкиот регион во „вител на разлики и конфликти“.
Ли ги даде овие предупредувања за време на форумот Дијалог Шангри-Ла.
Министерот исто така рече дека неговата земја бара дијалог пред конфронтација.
Ли обвини некои земји за интензивирање на трката во вооружување и намерно мешање во внатрешните работи на други земји.
-Менталитетот на ерата на Студената војна сега се враќа, што значително ги зголемува безбедносните ризици. Меѓусебното почитување мора да надвладее над малтретирањето и хегемонијата – рече министерот.
-На азиско-пацифичкиот регион денес му треба отворена и инклузивна соработка, а не здружување во мали сојузи. Не смееме да заборавиме на тешките катастрофи што двете светски војни им ги предизвикаа на народите на сите земји и не смееме да дозволиме оваа трагична историја да се повторува – рече министерот.
Ли рече дека Кина е посветена на мирно решавање на споровите за копнените и поморските граници, но нема да се двоуми да ги заштити своите интереси.
Тој додаде дека неговата земја е подготвена да комуницира со американската војска. Ли истакна дека односите меѓу Кина и САД влијаат на глобалната стратешка стабилност и дека САД мора да ги оправдаат очекувањата на другите земји во светот.