Фото: Пиксабеј

Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг изјави дека Пекинг нема да продава оружје на ниту една страна вклучена во војната во Украина.

Ние не доставивме и нема да им испорачаме оружје на страните во конфликтот, истакна Чин по средбата со шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок во Пекинг.

Тој додаде дека стоките со двојна употреба, што можат да се користат и за цивилни и за воени цели, се контролирани со закон.

– Улогата на Кина во Украина е да промовира помирување и да ги забрза мировните преговори. Нема да продолжиме да долеваме масло на огнот – посочи Чин.

Бербок од денеска е во тридневна посета на Кина. Таа ја посети германската компанија „Витеско“ (Vitesco) во Тијанџи, а потоа отпатува за Пекинг, каде ќе се сретне со кинескиот потпретседател Хан Чан.

Се очекува германската министерка за надворешни работи на средбите да разговара покрај војната во Украина, за тензиите за Тајван, како и за човековите права и за мерките против климатските промени.

Таа пред посетата на Кина нагласи дека целта е да се истражат можностите за идна соработка со Пекинг.

– Партнер, конкурент, ривал – ова е компасот на европската политика кон Кина. Во која насока ќе се движиме во иднина, делумно зависи од тоа каков пат ќе избере Кина – посочи Бербок.