Украинските власти ќе ја забранат работата на Украинската православна црква (УПЦ), за која тврдат дека е поврзана со Руската православна црква
Украинските власти размислуваат да ја забранат едната од двете православни цркви што функционираат на територијата на Украина. Според Киев, едната од постојните православни цркви во Украина, имено Украинската православна црква (УПЦ) е директно поврзана и поддржана од Руската православна црква. За тој претстоен чекор на Киев веќе е подготвен нацрт-закон.
Целосна забрана или можност за пререгистрација на црквата?
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, според објави во јавноста, се очекува наскоро да објави конкретен став за иднината на УПЦ, односно дали ќе има целосна забрана или, пак, ќе се даде опција црквата да формира нова црква, која нема никакви врски со Руската православна црква и со нејзиниот патријарх Кирил.
Опозицискиот пратеник Микола Књажицки од Лавов тврди дека не е опција да се остави црквата недопрена. Тој ја финансираше групата од правни експерти што го подготви нацрт-законот, кој ако се прифати, ќе ја забрани работата на УПЦ, но сепак предлогот дава можност да се формира нова црква јасно одделена од Руската православна црква или да ѝ се приклучи на Православната црква на Украина (ПЦУ), која украинските власти ја признаваат како легална.
За појаснување, споменатата Украинска православна црква (УПЦ) е различна од Православната црква на Украина (ПЦУ). Имено, последно споменатата, ПЦУ доби црковна независност од Цариградската патријаршија во 2019 година, а една година претходно украинското православие се расцепи на две конкурентни цркви. Тогаш и рускиот патријарх Кирил ги залади односите со патријархот Вартоломеј и со Вселенската патријаршија од Константинопол, како прва меѓу еднаквите.
Поделба на православните верници во Украина
Анкетата спроведена во декември од Киевскиот меѓународен институт за социологија покажува дека „78 отсто од Украинците веруваат дека владата навистина треба да интервенира во активностите на УПЦ; 54 отсто мислат дека црквата треба целосно да се забрани, а 24 отсто претпочитаат помека опција за државна контрола и надзор. Само 12 проценти мислат дека УПЦ треба да се остави сама“.
Според украински црковни извори, „Украинската православна црква (УПЦ) е во постојано опаѓање, со повеќе свештеници и верници што пребегале или се подготвуваат да пребегаат во Православната црква на Украина (ПЦУ). Истите извори во јавноста тврдат дека „од пред една година повеќе од 200 парохии ја сменија страната и се приклонија кон ПЦУ.
Според руски извори, пак, „повеќе од 50 свештеници се под ригорозна истрага на украинските власти“ заради соработка со руските сили. Еден од нив е отецот Микола Евтушенко, за кого истите извори тврдат дека е обвинет само поради тоа што во духот на православната вера „им давал причест на руските сили за време на борбите за градот Буча, давајќи им благослов на руските војници“.