Вилијам Бурнс/Фото: Твитер - ЦИА

Педесет години по клучниот потег на Никсон во студената војна, Америка се соочува со ново глобално прегрупирање

САД ја гледаат Кина како нивен главен ривал, а не Русија, истакна директорот на ЦИА Вилијам Бурнс на „ФТ Фестивалот“ одржан во Вашингтон минатата сабота, со што го привлече вниманието на медиумите.

– Путин на многу вознемирувачки начин демонстрира дека силите во опаѓање можат да бидат дисруптивни како и оние во подем. Кина на Си Џинпинг е најголемиот геополитички предизвик со кој се соочуваме долгорочно како држава – кажа Бурнс.

На настанот во Вашингтон, поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер посочи оти „сега живееме во тотално нова ера“. Пред педесет години, Кисинџер и тогашниот американски претседател Ричард Никсон го сменија текот на Студената војна со отворање кон Кина. Преку зацврствување на разделбата помеѓу најголемата и најмоќната комунистичка држава, посетата на Никсон на Кина беше најголемиот потег на шаховската табла во Студената војна.

Историјата сега се сврте за 180 степени. Во 1972 година Никсон лесно ги отфрли критиките поради зделката со кинескиот лидер Мао Ѕедунг. Американската надворешна политика тогаш инстиктивно ги зграпчи бенефитите од потегот што го остави СССР ослабнат и изолиран, посочува „Фајненшл тајмс“.

Денешниот Вашингтон, пак, е едногласен за надворешната политика која ги спојува Кина и Русија како близнаци, иако сега Русија се смета за „помалата“. Американскиот претседател Џо Бајден ја окарактеризира глобалната политичка сцена како натпреварување помеѓу автократијата и демократијата. Кисинџер очигледно не се согласува, иако е внимателен, избегнувајќи отворено да го каже тоа.

Но што мисли ЦИА? Прашањето е поважно од вообичаено, бидејќи Бурнс, првиот дипломат од кариера што ја предводи главната американска шпионска агенција, е високо ценет во американската администрација. А меѓу неговите најпостојани обожаватели е Бајден, додека дел од странските дипломати го нарекуваат и „државниот секретар од сенка“.

Минатиот ноември кога руските сили се групираа на границата со Украина, Бајден го испрати Бурнс да разговара со Путин во Москва. Тоа е невообичаено бидејќи од главните разузнавачи не се бара да разговаат со лидерите на државите што поседуваат нуклеарно оружје. Иако Путин беше на чело на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), тие не се на исто рамниште.

Како поранешен американски амбасадор во Москва, што зборува руски, Бурнс го познава добро Путин. А Бурнс смета и дека американското разузнавање оневозможило дел од руските планови во Украина.

– Засега, учинокот на американското разузнавање е добар. Администрацијата на Бајден го предвиде речиси секој чекор на Путин, но наоѓањето на „црвената линија“ на рускиот претседател е прашање на погодување. Ваквата состојба го отвора поважното прашање за тоа дали американската вклученост под водство на Бајден отиде предалеку – наведува британскиот магазин.

Официјалната цел на САД е Русија да биде поразена во Украина, како и изолација на Кина, и евентуално спроведување на одреден облик на економско раздвојување од азискиот ривал. Главното прашање за САД по војната во Украина ќе биде дали сакаат да ги доближат Русија и Кина една кон друга или ќе бараат иновативни дипломатски начини да ја олабават нивната прегратка, заклучува „Фајненшл тајмс“.