Фото: пиксабеј

Јужнокорејскиот министер за одбрана Шин Вон-сик во средата се закани дека ќе изврши „пеколно уништување“ на соседна Северна Кореја како одмазда за какви било непромислени дејствија на Северот.

Засилената реторика доаѓа откако Северна Кореја минатиот месец рече дека повеќе нема да се придржува до воениот договор од 2018 година меѓу соседите, чија цел е намалување на тензиите.

Потегот на Пјонгјанг дојде откако Јужна Кореја соопшти дека делумно ќе го суспендира договорот, по лансирањето на шпионски сателит од страна на Северот.

– Северна Кореја има само два избора – мир или уништување – рече Шин во соопштението од Министерството за одбрана на Јужна Кореја.

– Ако Северна Кореја преземе непромислени дејствија кои му штетат на мирот, ja чека само пеколно уништување – додаде тој, пренесе „Фена“, цитирајќи го „Ројтерс“.

Неговите коментари, дадени за време на состанокот на највисоките воени команданти, доаѓаат помалку од една недела откако Шин ја обиколи ракетната команда на Југот, за која рече дека ќе има задача „смртоносно да ги погоди срцето и главата на непријателот“ во случај на војна.

Северна Кореја го бранеше својот развој на ракети и нуклеарно оружје како суверено право неопходно да се спротивстави на потезите на САД и нивните сојузници.

Американската агресија и хегемонистичките потези за зајакнување на сојузите се главната причина за регионалните тензии, пишуваше во вторникот весникот на владејачката партија „Родонг Синмун“, коментирајќи ги американските вежби со Австралија и Јапонија.

За време на состанокот со командантите, Шин ги истакна чекорите што војската ги презема за да ги зголеми своите способности.