Фото: Принт скрин инстаграм

Европската унија мора да се подготви за зголемен бран бегалци кои бегаат од Украина, изјави денеска еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, пренесе ДПА.

Јохансон кажа дека не знае колку луѓе ќе дојдат во ЕУ, но дека 27-члената Унија треба „да се подготви за милиони“. Досега, околу 300.000 Украинци успеаја да допатуваат до ЕУ, бегајќи од руската воена инвазија врз Украина-рече таа.

Меѓутоа, досега само неколку поднеле барање за азил или побарале заштита во засолништата на земјите-членки. Место тоа, повеќето од нив остануваат кај пријатели или роднини.

Јохансон денеска кажа дека ЕУ мора да се подготви за уште повеќе Украинци да побараат засолниште и дека таа подготвува план за земјите-членки да ги координираат напорите и потенцијално да ги прераспределат бегалците.

-Ниту една земја од ЕУ сè уште не побарала прераспределување на бегалците, дури ниту оние што се директно на границата со Украина, како Полска и Унгарија-додава таа.

Според полската гранична стража, од почетокот на војната, пред четири дена, во Полска пристигнале повеќе од 200.000 бегалци од Украина.