Јапонскиот премиер Фумио Кишида изјави дека Јапонија не планира да стане членка на НАТО, но потврди дека постои план Алијансата да отвори канцеларија за врски во Јапонија.
Изјавата на Кишида дојде откако јапонскиот амбасадор во Вашингтон претходно овој месец изјави дека воениот пакт предводен од САД планира да отвори канцеларија во Токио, прва од ваков вид во Азија, за да ги олесни консултациите во регионот – пренесе „Танјуг“, цитирајќи го „Ројтерс“.
Канцеларијата за врски ќе ја олесни комуникацијата на Алијансата со партнерите како што се Јужна Кореја, Австралија и Нов Зеланд, првенствено во контекст на геополитичките предизвици како што се Кина и Русија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја посети Јапонија во јануари и вети со премиерот Кишида дека ќе ги зајакне врските соочени со историските безбедносни предизвици, осврнувајќи се на рускиот напад врз Украина и растечката воена моќ на Кина.