Фото: Принтскрин/„Скај њуз“

Во текот на изминатата ноќ, израелските воздухопловни сили погодија повеќе од 70 цели на Хамас во населбата Ал Туфах во градот Газа и воен објект на Исламскиот џихад.

Како што соопшти армијата, областа служела како „терористичко гнездо“ на Хамас и центар за извршување операции против Израел.

Набргу потоа, во јужните израелски градови во близина на Појасот Газа се огласија предупредувачки сирени за ракети.

Претходно, израелската армија ја погоди куќата на воениот портпарол на Хамас, Абу Обеид, во Појасот Газа.

Израел вети дека ќе се погрижи Хамас никогаш повеќе да не може да го повтори ненадејниот напад во саботата, за кој рече дека масакрираше стотици израелски цивили.

Израелската војска доцна синоќа изврши напади и во Сирија и Либан, откако истрела ракети и минофрлачки гранати во правец на северен Израел.

Хамас, исто така присутен во Либан, подоцна ја презеде одговорноста за ракетниот истрел, а либанскиот проирански Хезболах за противтенковскиот ракетен напад.

Како што пренерсуваат странските агенции, минофрлачки проектили подоцна беа истрелани од Сирија на Голанската висорамнина, а неколку преминаа на израелска територија и паднаа на отворено.

Немаше штети, а израелската армија одговори со артилериски оган.

Бројот на жртвите во нападите на палестинскиот Хамас врз Израел кои започнаа во саботата надмина 1.200, речиси 3.000 луѓе се ранети, а судбината на 150 заробени и однесени во Појасот Газа се уште е нејасна.

Медиумите на хебрејски јазик доцна синоќа објавија дека бројот на загинатите во Израел надмина 1.000, додека безбедносните сили и доброволната организација Зака, која ги носи посмртните останки по терористичките напади и катастрофи, сè уште ги собираат телата на загинатите во населените области на југот на Израел.

Израелската армија утринава соопшти дека бројот на загинатите е зголемен.

Во израелските воздушни напади врз Појасот Газа и Западниот Брег загинаа 830 лица, соопштија локалните власти.

Израелското Министерство за здравство претходно соопшти дека во нападот се ранети 2.901 лице, а околу 500 се уште се во болници, од кои 26 се во критична состојба.