Израел верува дека Хамас сѐ уште држи 161 заложник во Појасот Газа, изјавија за „Си-ен-ен“ од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Како што се наведува, четворица од киднапираните се помлади од 18 години, а четворица се на возраст од 18 или 19 години, додека 10 од нив се на возраст над 75 години. Покрај тоа, 15 од нив се странци, а 146 се Израелци, дел од нив со двојно државјанство.
Во рамките на договорот со Хамас беа ослободени 60 Израелци и 20 странци. Четири жени се ослободени пред да се постигне договорот, еден војник бил спасен од израелските војници, а една Израелка со руско државјанство е ослободена поради интервенција на Русија, наведува „Си-ен-ен“.
Палестинската милитантна група Хамас денеска соопшти дека тројца израелски заложници се убиени во израелско бомбардирање на Појасот Газа.
Според британските медиуми, станува збор за најмладиот заложник, 10-месечното бебе Кфир Бибас, неговиот четиригодишен брат и нивната мајка.
Израелската војска соопшти дека ги проверува тврдењата на Хамас.
Милитантите на Хамас го нападнаа Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и зедоа околу 240 заложници. Како одговор на тој напад, Израел го бомбардираше Појасот Газа и започна копнена офанзива на северот на палестинската енклава. Според здравствените власти во Газа, во израелските акции досега се убиени околу 14.800 Палестинци, а стотици илјади се раселени.