Фото: Бела куќа/Фликр

Претседателот на САД, Џо Бајден синоќа изјави дека бил претеран воениот одговор на Израел во Појасот Газа.

– Јас навистина се залагам хуманитарната помош да стигне во Газа. Јас сум и за прекин на огнот, за да се овозможи ослободување на заложниците. Сето ова мора да престане што поскоро, има многу невини луѓе, многу оние кои гладуваат, кои се во неволја и кои умираат – посочи Бајден.

Белата куќа соопшти дека нема да поддржи никакви планови на Израел за голема воена операција во Рафах, јужниот дел на Појасот Газа.

Градот на границата со Египет деновиве е под силно израелско бомбардирање.

– Секоја голема воена операција во Рафах во овој момент, под овие околности, со повеќе од милион или милион и пол Палестинци кои побарале засолниште во Рафах, без да ја земат предвид нивната безбедност, би била катастрофа. Ние не го поддржуваме тоа – изјави портпаролот на Белата куќа Џон Кирби.

Претходно и генералниот секретар на Обединети нации, Антонио Гутереш предупреди на опасност од хуманитарна катастрофа и последици за целиот регион доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафах.

– Половина од населението на Газа сега е во Рафах и нема каде да оди. Информациите дека израелската војска планира да ги фокусира следните операции на Рафах се алармантни. Таквата акција експоненцијално ќе го влоши она што веќе е хуманитарен кошмар со неописливи регионални последици, објави Гутереш на „Екс“.