Иран и Саудиска Арабија постигнаа договор, во кинескиот главен град Пекинг, за обнова на односите, седум години откако ги прекинаа врските поради неколку спорни прашања
Кина како олеснувач за приближување и соработка на земјите на Блискиот Исток
Во престолнината на Кина, Пекинг, највисоки државни претставници на блискоисточните земји Иран и Саудиска Арабија постигнаа значаен договор, седум години откако ги прекинаа меѓусебните врски и односи. Договорот беше постигнат по неколкудневни интензивни преговори меѓу секретарот на иранскиот Врховен совет за национална безбедност (СНСС), Али Шамхани, и неговиот саудиски колега во Пекинг. Иран и Саудиска Арабија се договорија да ги обноват врските и повторно да ги отворат амбасадите во рок од два месеца.
Ова беше петта рунда преговори. Новинската агенција МЕХР објави дека високи ирачки и омански претставници одиграле улога во здружувањето на страните на разговори по претходната рунда во септември. Иран со мнозинско шиитско население и сунитска Саудиска Арабија се натпреваруваат за влијание на Блискиот Исток со децении. Многу експерти го нарекоа крвавиот конфликт во Јемен прокси-војна меѓу Техеран и Ријад.
Саудиска Арабија ги прекина односите со Иран во 2016 година, откако демонстрантите упаднаа во Амбасадата на Саудиска Арабија. Тоа беше реакција на егзекуцијата на шиитски муслимански свештеник од Саудиска Арабија неколку дена претходно, што предизвика демонстрации во Иран.
Во заедничката објава, Иран, Саудиска Арабија и Кина го истакнаа заемното почитување на суверенитетот и немешањето во внатрешните работи, се согласија да го спроведат договорот за безбедносна соработка потпишан на 17 април 2001 година и да се вратат на спроведувањето на договорот за економска, трговска, инвестициска, техничка, научна, културна и спортска соработка потпишана во 1998 г. Иран, Саудиска Арабија и Кина ја изразија својата цврста решеност да вложат максимални напори за зајакнување на регионалниот и меѓународниот мир и безбедност.