Израелската армија (ИДФ) соопшти дека околу 150 ракети се истрелани од Либан врз повеќе цели во Израел, при што се повредени неколку лица.
Околу 150 ракети беа истрелани од милицијата Хезболах, поврзана со Иран, принудувајќи ги цивилите во централен и северен Израел, вклучително и во Тел Авив да се засолнат.
Според израелската армија за неколку минути биле истрелани околу 30 проектили врз крајбрежниот град Хаифа и западниот регион Галилеја, од кои некои биле пресретнати.
Нападите се случија еден ден по израелскиот воздушен напад во Бејрут, во кој загинаа најмалку 20 луѓе.
Хезболах соопшти дека извршил операција против „воена цел“ во Тел Авив користејќи „бараж напредни ракети и серија напаѓачки беспилотни летала“.
Исто така, Хезболах наведе дека денеска првпат изврши напад со беспилотни летала врз поморската база Ашдод, јужен Израел.