Фото: Илустрација/ Принтскрин - Јутуб АП

Хамас тврди дека Израел во воздушен напад ја погодил баптистичката болница Ал-Ахли Араби во центарот на градот Газа, при што загинале најмалку 500 луѓе.

Претходно, портпаролот на палестинското Министерство за здравство изјави дека во нападот што ја погоди болницата загинале меѓу 200 и 300 луѓе, но Хамас оттогаш ја зголеми бројката на 500.

Хамас објави соопштение на Телеграм како одговор на пријавениот напад врз болницата, за кој неговите официјални лица тврдеа дека загинале стотици луѓе.

– Овој страшен колеж е злосторство на геноцид. Повеќето од жртвите во болницата се раселени семејства, пациенти, деца и жени. Нападот, исто така, ја разоткри американската и западната поддршка за оваа криминална окупација – се вели во објавата на Хамас.

Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), контраадмиралот Даниел Хагари изјави дека извештаите за можен израелски воздушен напад врз болница во Газа сè уште се испитуваат. Хагари рече дека сè уште ги нема сите информации и ќе објави повеќе детали кога ќе биде можно.

Тој рече дека се уште не знае дали експлозијата, која наводно предизвикала стотици жртви, била израелски напад.

– Има многу воздушни напади, многу неуспешни ракети и многу лажни извештаи од Хамас – нагласи тој.

Меѓународниот уредник на „Би-би-си“, Џереми Боуен, вели дека добил изјава во телефонски повик од канцеларијата на портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ), реагирајќи на, како што велат палестинските вести за израелски напад врз болницата Ал Ахли во Газа.

Во соопштението се вели дека „болницата е високо чувствителна зграда и не е цел на ИДФ“.

– ИДФ го истражува изворот на експлозијата и како и секогаш дава приоритет на точноста и сигурноста. Ги повикуваме сите да продолжат со претпазливост кога известуваат за непроверени тврдења за терористичка организација, јави „Би-би-си“ цитирајќи го соопштението.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус го осуди нападот врз болницата Ал Ахли во Газа.

– Повикуваме на итна заштита на цивилите и здравствена заштита, како и да се укинат наредбите за евакуација, напиша Гебрејесус на Твитер.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го нарече наводниот напад „последниот пример лишен од најосновните човечки вредности“.

– Напад на болница во која има жени, деца и невини цивили е најновиот пример за нападите на Израел без основни човечки вредности, напиша Ердоган на X.

– Го повикувам целото човештво да преземе акција за да ја спречи невидената бруталност на Израел во Газа, додаде тој.

Шефот на ЕУ, Шарл Мишел, нагласи дека таргетирањето на цивилната инфраструктура во Газа го прекршува меѓународното право.

Шефот на Арапската лига Ахмед Абул Геит ги повика западните лидери „веднаш да ја прекинат оваа трагедија, додавајќи дека „арапските механизми ќе ги документираат овие воени злосторства и криминалците нема да се извлечат со своите постапки“.


ИДФ соопшти дека експлозијата во болницата била предизвикана од „ракети на милитантите“

Израелските одбранбени сили (ИДФ) на Твитер објавија дека веруваат оти нападот врз болницата Ал Ахли бил од ракетен бараж истрелан од палестински милитанти.

– Анализата на оперативните системи на ИДФ покажува дека канонада ракети биле истрелани од терористите во Газа, кои минувале во непосредна близина на болницата Ал Ахли во Газа во моментот кога била погодена. Разузнавачките податоци од повеќе извори што ги имаме во наши раце покажуваат дека Исламски џихад е одговорен за неуспешното лансирање ракета што ја погоди болницата во Газа – се вели во соопштението на ИДФ.