Високиот функционер на Хамас, Осама Хамдан, денеска изјави дека одговорот на Израел на последниот предлог на палестинската група за прекин на огнот во Газа, кој беше доставен до претставниците на земјата од посредниците, е негативен.
Хамдан на прес-конференција во Бејрут рече дека посредниците ги информирале претставниците на Хамас во вторникот вечерта дека одговорот на Израел е генерално негативен.
Според него, Израел, згора на тоа, го повлече она што претходно го договори во разговорот со посредниците, што, како што оцени, може да ги доведе преговорите во ќорсокак. Хамдан рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, неговата влада и оние кои го поддржуваат сносат одговорност за „попречување на напорите за спас на договорот за размена на заложници“.
Тој упати предупредување до Израел за „злосторства во Појасот Газа“ и додаде дека Хамас го смета Тел Авив одговорен за животите на палестинскиот народ.
Тој исто така нагласи дека светот мора да одговори на основното прашање – дали е време да му суди на Израел, пренесува Ал Џезира. Хамдан исто така рече дека Хамас се обидува да стави крај на „агресивната војна“ против палестинскиот народ.
– Го следиме текот на преговорите преку посредници во Египет и Катар и претставивме сеопфатна визија што ги реализира аспирациите на нашиот народ. Хамас ја претстави својата визија во врска со размената на затвореници и покажа позитивност и висока флексибилност – рече Хамдан.
Предлогот на Хамас вклучува прекин на непријателствата, враќање на раселените во нивните домови и повлекување на израелската армија од Појасот Газа.