Генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси ги оцени вчерашните напади врз украинската нуклеарна централа во Запорожје како „апсолутно намерни и насочени“ и додаде дека ситуацијата е „сериозна“.
-Повеќе од десет напади беа насочени директно кон разводната табла – рече Гроси во интервју за француска онлајн-телевизија.
Гроси не им ја препиша одговорноста на руските или украинските сили, туку додаде дека е неверојатно некој да ја смета нуклеарната централа за легитимна воена цел.
-Кој и да е, ова лудило треба да се престане. Луѓето кои го прават ова знаат каде удираат. Тоа е апсолутно намерно и насочено – рече првиот човек на МААЕ.
Русија и Украина вчера меѓусебно се обвинија за воздушните напади врз централата лоцирана на југот на Украина под контрола на руската армија.
-Централата е на првата линија на фронтот, а постојат воени активности што е многу тешко да се идентификуваат – рече Гроси, додавајќи дека двајца инспектори на МААЕ се на терен и ја проценуваат ситуацијата во централата.
Според него, оштетувања имало на чувствителните области.
-Не беа погодени реакторите, туку зоната каде што има и свежо и употребено гориво – рече Гроси.