Домовите на санкционираните руски олигарси би можеле да се искористат за сместување на бегалци од војната во Украина, изјави за Би-би-си британскиот државен секретар Мајкл Гоув.
– Сакам да ја проучам опција што ќе ни овозможи да ги користиме домовите и имотите на санкционираните луѓе за хуманитарни и други цели додека тие се под санкции. Законскиот праг е доста висок и не зборуваме за трајна конфискација. Но, ние велиме: Вие сте санкционирани, го поддржувате Путин, оваа куќа е тука, немате право да ја користите или да профитирате од неа… Ако можеме да ја искористиме за да им помогнеме на другите, да го направиме тоа – истакна Гоув.
Тој додаде дека Владата сака да ги засили сегашните санкции, кои не им дозволуваат на олигарсите само да ги продаваат своите домови во Обединетото Кралство, без да живеат во нив.
– Ако вашето богатство и влијание се користат за поддршка на Путин, со оглед на тоа што тој го прави, тогаш се плашам дека треба да ги сносите последиците – посочи Гоув.