/Фото: Принтскрин

Рускиот бизнисмен Евгениј Пригожин денеска призна дека бил вмешан во американските избори и наведе дека и во иднина ќе продолжи да го прави тоа.

Тоа е прво такво признание од човек формално обвинет од Вашингтон за мешање во американските избори.

– Се мешавме (во американските избори), се мешаме и ќе продолжиме да се мешаме. Внимателно, прецизно, хируршки и на наш начин, како што го правиме тоа – се наведува во изјавата на Пригожин објавена од медиумската служба на неговата компанијата „Конкорд“ на „ВКонтакте“, руската верзија на Фејсбук.

Соопштението е објавено еден ден пред изборите за американскиот Конгрес.

Пригожин, познат како „готвачот на Путин“, бидејќи неговата угостителска компанија работи за Кремљ, формално е обвинет за спонзорирање на „трол-фарми“ во Русија што сакаат да влијаат врз политиката.

Во јули Стејт департментот понуди награда од 10 милиони американски долари за информации за Пригожин поради „мешање во американските избори“. Тој е под американски, британски и европски санкции.