Сергеј Аксјонов, гувернерот на Крим, поставен од Москва, на Телеграм напиша дека е планирана привремена евакуација на околу две илјади луѓе од округот Кировски на анектираниот полуостров. Причина за евакуацијата е пожар кој избувнал на воените полигони, јавува руската државна новинска агенција Тасс.
-Планирана е привремена евакуација на населението од четири населени места. Вкупно се работи за околу 2.000 луѓе – рече Аксјонов.
Тој потврди дека блискиот автопат Таврида е затворен. Поради пожарот е формиран кризен тим. Претходно, новинската агенција РБЦ-Украина објави дека имало експлозии на воените полигони за обука.
Инаку, Русите вчера објавија дека ноќта од понеделник кон вторник собориле 28 украински беспилотни летала над Крим. Според информациите на руското Министерство за одбрана, во тој напад нема жртви или материјална штета.