ЕВРОПСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА НЕ УСПЕВА ДА ИЗЛЕЗЕ НА КРАЈ СО ИНФЛАЦИЈАТА
Европската централна банка (ЕЦБ) се одлучи да ги зголеми каматните стапки за да се намали високата инфлација во еврозоната. На последниот состанок, ЕЦБ ги зголеми каматните стапки на рекордно високо ниво од 4 отсто, а еврото веднаш падна на најниско ниво во последните три месеци. Експертите од ЕЦБ сигнализираа дека овој потег може да биде последен во нивната кампања за затегнување на монетарната политика. Поради растот на каматите, еврото загуби 0,6 отсто во однос на доларот и се тргува за 1,0660 долари.
Претседателката на Европската централна банка во четвртокот, по најавата за зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени на рекордни четири отсто, изјави дека не може отсега да ги прогнозира следните чекори на банката, имајќи предвид дека еврозоната минува низ долг период на „многу бавен раст“ и покрај „увереноста“ дека растот ќе се засили следната година.
– Не можеме да кажеме ништо сега кога сме на високи вредности – додаде Кристина Лагард, посочувајќи дека ажурираните прогнози на ЕЦБ предвидуваат просечна инфлација во 2025 година од над два отсто.
Овој десетти по ред раст на каматната стапка, ЕЦБ го правда со напорите за справување со инфлаторниот бран, нагласувајќи дека ваквото ниво на каматата ќе помогне инфлацијата да се врати во целните рамки од два отсто.
Економистот на Дојче банк, Марк Вал, смета дека и покрај сигналите дека ова е последно покачување, нема гаранција дека тоа навистина ќе биде така, имајќи предвид дека инфлацијата сѐ уште „не е победена“. Според него, ваквите резерви се резултат на неодамнешниот нов раст на цената на нафтата, која во четвртокот достигна највисоко ниво во последниве 10 месеци од над 93 долари за барел.
Експертите сметаат дека колку подолго трае високата стапка на инфлацијата, толку поголема е веројатноста дека граѓаните ќе бараат повисоки плати, а компаниите зголемени цени.
Ревидираната прогноза на ЕЦБ е дека инфлацијата на крајот на годинава ќе биде 5,1 отсто, следната година 2,9, а во 2025 година 2,2 процента.