Фото: Принт-скрин

Бонус од 100 евра сака да им исплати на сите вработени Германската железница (ДБ) како еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во таа држава, како дел од акцијата за заштеда на енергија. Потегот е со цел вработените да се мотивираат да штедат електрична енергија.

– Без разлика дали станува збор за осветлување, греење или користење на скалите наместо лифтот, малата заштеда на крајот може да достигне значителна сума – рече шефот за човечки ресурси на ДБ, Мартин Сеилер.

Сто евра бонус за повеќе од 200.000 вработени ќе чини околу 20 милиони евра, за кои концернот верува дека ќе може да заштеди на струја преку дополнителна мотивација на вработените.

Секоја идеја што придонесува за дополнителна заштеда на енергија администрацијата ќе ја награди со дополнителни 50 евра.

ЛЕД панелите за осветлување на административната зграда на ДБ на плоштадот Потсдам во Берлин се исклучени. Слични подготовки се прават и со останатите административни згради на компанијата.

Со околу десет терават-часови годишно, ДБ е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во Германија.


Шпанија воведува мерки за заштеда на електрична енергија

Шпанската влада ќе воведе итни мерки за заштеда на енергија поради енергетската криза што ѝ се заканува на Европа.

Мерките предвидуваат во сите јавни установи, трговски центри, кина, хотели, аеродроми и јавниот превоз, уредите за климатизација да не смеат да се поставуваат на температура пониска од 27 степени во лето и повисока од 19 во зима.

Како што најави министерката за еколошка транзиција, Тереза ​​Рибера, мерките ќе важат до 1 ноември 2023 година, со што земјата ќе се обиде да ја намали потрошувачката на гас за седум отсто, јавува Радио Слободна Европа.

– Овој пакет мерки е неопходен во критична ситуација кога на Европа и е потребна помош од Шпанија. Време е за солидарност – рече Рибеира.

Шпанија ги презема овие мерки за да ги исполни обврските преземени во европскиот план за итни случаи договорен минатата недела.

Мерките воведени од Шпанија, исто така, бараат од бизнисите да ги држат вратите на нивните објекти затворени со помош на автоматски систем што мора да се инсталира до 30 септември. Како што појасни министерката, целта е да се избегне излегување на топол или ладен воздух.

Осветлувањето во неискористените канцеларии, излозите и спомениците мора да се исклучи по 22 часот, а проверките на енергетската ефикасност во одредени згради се задолжителни.

Рибера го повика приватниот сектор да го зголеми обемот на работа од дома.