Фото/Илустрација: Пиксабеј

Поради нискиот водостој на Рајна

Реката Рајна во германскиот град Кауб, клучната транзитна точка за транспорт на стока, деновиве треба да падне на нивото од 47 сантиметри. Ако продолжи да се намалува нивото на водата, тогаш речниот транспорт целосно ќе запре, а протокот на гориво и хемикалии за Германија би бил прекинат, па Европа ќе влезе длабоко во рецесија, пишува „Блумберг“.
– Испораката на јаглен е ограничена, а поради нискиот водостој се проодни само малите бродови. Тие мораат да носат помалку товар од претходниот период. Трошоците за транспорт на јаглен затоа растат, а тоа влијае на трошоците за работа на електроцентралите на јаглен – информираат од германскиот снабдувач на енергија „ЕнБВАГ“.
Во 2018 година, последниот пат кога се намали нивото на реката Рајна, економскиот раст на Германија се намали за 0,4 отсто. Германските потреби за јаглен пораснаа откако оваа земја добива помалку гас од Русија. Германија е во опасност да изгуби 4,8 отсто од индустриското производство, доколку Русија ја прекине испораката на природен гас, предупреди Меѓународниот монетарен фонд.
Протегајќи се околу 1.288 километри од Швајцарија до Северно Море, Рајна е клучна за испорака за јаглен, бензин, мазут и други стоки. Швајцарија веќе ги користи резервите од гориво, а отежнато работат рафинериите во Германија, Чешка и во Австрија. Трошоците за достава енормно се зголемени. Превозот на еден тон гориво до Базел во Швајцарија од германските пристаништа изнесува повеќе од 200 евра. Производителите што сакаат да се префрлат од транспортот по Рајна на патничкиот и железничкиот сообраќај не ќе можат да го направат тоа побрзо. Двете специјализирани логистички компании што транспортираат хемикалии, гас, јаглен и нафтени производи, признаваат дека имаат проблеми, затоа што им недостигаат луѓе и возила за транспорт на стоката.