Рускиот енергетски гигант „Гаспром“ денеска објави дека повеќе не може да извезува гас преку гасоводот Јамал-Европа низ Полска, бидејќи владата во Москва забрани соработка со сопственикот на полската рута на гасоводот.

– Спроведена е забрана за трансакции и плаќања на санкционирани субјекти. За „Гаспром“ тоа значи забрана за користење на гасоводoт во сопственост на „Еуропол гас“ за транспорт на руски гас низ Полска – се вели во соопштението на руската компанија.

Русија синоќа воведе санкции за подружниците на „Гаспром“ во земјите кои ги има посочено како непријателски, вклучително и компанијата за трговија, складирање и пренос на енергија на „Гаспром Германија“, која Германија ја национализира во април за да обезбеди снабдување со гас.

Забранета е и соработка со сопственикот на полскиот дел од гасоводот Јамал-Европа, кој транспортира руски гас во Европа. Москва на тој начин одговори на санкциите воведени кон Русија од страна на САД, Европската Унија, Швајцарија и некои други земји поради воениот конфликт со Украина.

Санкционираните компании не можат да учествуваат во испораките на руски гас и со нив не може да се тргува, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Полскиот „Еуропол гас“ заработува од транзитот на руски гас и е во заедничка сопственост на полската гасна компанија „ПГНиГ“ и руски „Гаспром“.