Во пресрет на самитот на Г7 во Хирошима, Јапонија
Според британски „Фајненшл тајмс“, Г7 и ЕУ „ќе го забранат увозот на руски гас на маршрутите што ги прекина Москва “, што, според официјални лица вклучени во преговорите, претставува „првпат западните сили официјално да ја блокираат трговијата со гас од цевководите“ од почетокот на судирот во Украина.
Што ќе биде на агендата за одлучување на самитот на Г7 во Хирошима
Одлуката, која според високорангирани извори на „Фајненшл тајмс“ ќе биде финализирана од лидерите на Г7 на самитот во Хирошима наредниве денови, ќе го спречи континуираниот извоз на руски гас од цевководи во земји како Полска и Германија.
Според пишувањата на „Фајненшл тајмс“, „западните сојузници со овој потег би сакале да се погрижат Русија да биде лишена од енергетски приходи, обидувајќи се да го зголемат економскиот притисок“, 15 месеци по почетокот на војната во Украина.
Според „Фајненшл тајмс“, засега тоа не им оди бидејќи „празнината во увозот на руска енергија ја пополниле Индија и Кина“.
Во нацрт-изјавата на Г7 се вели дека групата водечки економии дополнително ќе ја намали употребата на руските енергетски извори „вклучувајќи го и спречувањето на повторното отворање на патиштата претходно затворени поради руската употреба на енергијата како оружје“ барем додека не се договори мир во Украина.
Иако мерките веројатно нема да влијаат на сегашните текови на гас, тие ја нагласуваат решеноста на администрацијата на Брисел да се оддалечи од децениското потпирање на руската енергија. Забраната е многу симболична бидејќи на почетокот на војната, ЕУ избегнуваше да ги затвори тековите на гасоводот поради нивниот евтин гас од Москва.
Според анализите на „Фајненшл тајмс“, цените значително паднаа во последните месеци бидејќи „Европа успешно ја намали побарувачката во текот на топлата зима, го забрза воведувањето на обновливите извори на енергија и најде алтернативни извори како што се ЛНГ по море, гас од Норвешка и северноафриканските земји“.
Уделот на рускиот гас во европскиот увоз на гас падна од повеќе од 40 отсто на помалку од 10 отсто, а благата зима го поттикна складирањето гас во ЕУ. Официјалните лица се уверени дека капацитетите за складирање гас, кои сега се полни околу 60 отсто во споредба со околу 30 отсто во исто време во 2022 година, ќе го достигнат целиот капацитет многу пред да пристигне следната зима.
Се подготвуваат нови санкции за Русија
Првите луѓе на државите членки на Групата седум (Г7) ќе се сретнат од утре (петок) до 21 мај (недела) на годинешниот самит на Г7 во Хирошима, Јапонија. Се очекува лидерите на земјите од Г7 да ги заострат санкциите кон Русија на самитот, со чекори насочени кон енергијата и извозот. Јапонскиот премиер Фумио Кишида, кој годинава претседава со Г7, вети дека ќе води „обединет фронт во справувањето со украинското прашање“.
Новите мерки што ги најавија лидерите ќе бидат насочени кон избегнување санкции во кои се вклучени трети земји и ќе се обидат да го поткопаат идното производство на енергија на Русија и да ја ограничат трговијата, велат медиумски извори, добро упатени во подготовките на самитот. Американските власти, исто така, очекуваат дека членките на Г7 ќе се согласат да го приспособат својот пристап кон санкциите така што, барем за одредени категории стоки, целиот извоз автоматски ќе биде забранет, освен ако тие не се на списокот на одобрени ставки.
Аналитичарите регистрираат дека администрацијата на Бајден претходно ги притисна сојузниците од Г7 да го поништат пристапот на групата за санкции, кој денес дозволува сите стоки да ѝ се продаваат на Русија, освен ако тие експлицитно не се ставени на црната листа. Таа промена може да ѝ отежни на Москва да најде вакуум простор во режимот на санкции. Р.Н.М.
Постои идеја и рускиот гас перманентно да биде забранет
Групата седум индустриски сили и ЕУ ќе забранат увоз на руски гас на маршрутите каде што Москва го прекина снабдувањето, објави во неделата „Фајненшл тајмс“, цитирајќи претставници вклучени во преговорите. Одлуката, која треба да ја финализираат лидерите на Г7 на самитот во Хирошима, што започнува утре, ќе го спречи продолжувањето на извозот на гас од руски гасовод на маршрути до земји како Полска и Германија, пишува „Фајненшл тајмс“.
Според внатрешни извори на реномираниот медиум, официјални лица сакаат прекинот со Русија да остане постојан. За забраната се разговара како дел од 11-от пакет санкции на ЕУ против Русија. Еден функционер изјави за ФТ дека овој потег е предложен „за да се осигури дека партнерите нема да го променат своето мислење во хипотетичка иднина“.
Том Марзек-Мансер, енергетскиот консултант од ИЦИС: Важно е да не стануваме премногу самоуверени
– Со европските резерви на гас невообичаено високи за овој период од годината и големопродажните цени што полека се враќаат на она што може да се смета за нивен нормален опсег на цени, можете да разберете зошто европските лидери се уверени дека овој план нема да ја наруши безбедноста на снабдувањето во скоро време. Сепак, важно е да не стануваме премногу самоуверени за изгледите за европскиот пазар на гас – вели Том Марзек-Мансер од енергетскиот консултант ИЦИС.
Според мерките на ЕУ, би можеле да бидат блокирани и нафтоводите што ги прекина Русија, вклучувајќи го и северниот крак на нафтоводот Дружба, кој ги снабдува рафинериите во Германија и во Полска. Дипломатите разговараат за ембаргото како дел од 11-от пакет санкции на ЕУ. Европската комисија (ЕК), пак, соопшти дека нема да коментира за санкции.
Од друга страна, Берлин и Варшава, и покрај тоа што беа изземени од санкциите за руската нафта, рекоа дека доброволно ќе ги прекинат испораките на сурова нафта преку Дружба. Полска продолжи да добива испораки сѐ додека Русија не го прекина протокот во февруари, а германските рафинерии престанаа да нарачуваат руска сурова нафта од почетокот на оваа година.
За потсетување, некои од главните руски гасоводи кон Европа: гасоводите Северен тек 1 и 2, беа саботирани минатата година и само еден од нивните четири краци остана функционален. Гасоводот Јамал до Полска сè уште е недопрен и функционален.
Што е Г7
Г7 е неформален блок формиран како одговор на економските проблеми што произлегуваат од нафтената криза во 1973 година. Започна во 1975 година како Групата шест (Г6) од лидерите на Франција, Западна Германија, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави – седмата нација, Канада, се приклучи следната година. Русија се приклучи во 1998 година, а групата беше привремено преименувана во Г8 додека земјата не беше исфрлена откако го анектира Крим во 2014 година.
Секоја година, различна земја-членка станува домаќин и ги поставува приоритетите и годишната агенда на групата. Од своето потекло, Г7 го прошири својот фокус за да вклучи низа теми, како што се климатските промени, меѓународниот мир и безбедност и глобалното здравје. Претседавачот со Г7 организира збир на состаноци во текот на годината за да разговараат за овие прашања, поканувајќи министри и други делегати од земјите-членки. Меѓутоа главниот состанок е лидерскиот самит, кога ќе се состанат шефовите на држави.
Во Хирошима оваа година се очекува да пристигнат канадскиот премиер Џастин Трудо; францускиот претседател Емануел Макрон; германскиот канцелар Олаф Шолц; италијанската премиерка Џорџа Мелони; премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак; и американскиот претседател Џо Бајден. Вообичаено се поканети да присуствуваат и претседателот на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет – Урсула фон дер Лејен и Шарл Мишел.
Домаќинот на Г7 може да покани и лидери од други земји. За годинешниот самит, Кишида ги пречека австралискиот премиер Ентони Албанес; индискиот премиер Нарендра Моди; бразилскиот претседател Лула да Силва; претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-Јол; како и лидерите на Виетнам, Индонезија, Коморите (претставувајќи ја Африканската унија) и Куковите Острови (претставувајќи го Пацифичкиот форум на нации) да се приклучат како набљудувачи. Од 1996 година, претставници од меѓународни организации како што се Обединетите нации, Меѓународниот монетарен фонд и Светската трговска организација, исто така се поканети да учествуваат.