Фото: „Нова Македонија“

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска изрази поддршката за иницијативата на американскиот претседател Доналд Трамп, доколку тоа значи постигнување траен мир во Украина, со безбедносни гаранции и под покровителство на Вашингтон.

– Поддршката за Украина е во интерес на Европа. Ако нашиот одговор биде слаб, тоа ќе доведе до нови конфликти и ќе ги охрабри авторитарните режими – изјави Фон Дер Лајен на прес-конференција во Брисел.

Таа повика на значително зголемување на воената и економската поддршка за Киев и нагласи дека Русија мора да биде принудена да прифати одржливо и применливо мировно решение.

Фон дер Лајен, исто така, истакна дека ЕУ мора да се реформира во одбранбениот сектор, што вклучува развој на противракетен штит, производство на беспилотни летала и зголемување на буџетот за воена индустрија. Притоа, таа најави можност Европската инвестициска банка да финансира воени проекти.