фото: Фејсбук

Финската премиерка Сана Марин денеска изјави дека се тестирала за дрога, откако претходно беше објавено видео на кое се гледа како се забавува со нејзините пријатели.

– Денеска направив тест за дрога и резултатите ќе бидат готови за една недела – рече таа на прес-конференција посочувајќи дека никогаш во животот не користела наркотици.

Финската премиерка рече дека посочената ноќ не биле доведени во прашање нејзините способности да ги извршува премиерските задолженија, како и оти би ја напуштила забавата доколку морала да работи.

На социјалните мрежи седмицава почна да се шири видеоснимка на која се гледа 36-годишната Марин како се забавува со познати личности и уметници од Финска, за потоа снимката да биде раширена и надвор од земјата.

По појавата на видеото финските политичари, како од нејзината владејачка партија така и од опозицијата, побараа од Марин да направи тестирање на наркотици.