Поради опиоидната криза, која, според медиумите, е поврзана со повеќе од 500.000 смртни случаи во САД за две децении, досега се постигнати порамнувања и казни во вредност од околу 40 милијарди долари за американските компании. Во илјадници судски процеси, државата, локалните власти и домородните племиња тврделе дека фармацевтската индустрија одиграла значајна улога во поттикнувањето на опиоидната епидемија

САД

Стотици индијански племиња, кои имаа несразмерно високи стапки на зависност од опијати и смртност, договорија рамковен договор со фармацевтските компании. Таквата спогодба тежи 590 милиони долари. Покрај значајната парична вредност, спогодбата ќе остане запаметена и по тоа што 574 домородни племиња биле признаени како посебен предмет во тужбата.
Но таа спогодба значи нешто друго – во суштина е јасно дека американските компании влијаеле на ширењето на епидемијата на зависност од алкохол кај Индијанците. Постигнат е договор со компанијата „Џонсон и Џонсон“, како и со трите најголеми американски компании за дистрибуција на лекови, а сето тоа поради епидемијата на зависност и предозирање со опиоиди кај Индијанците, пишува „Тајмс“.
Во тужбата учествуваа повеќе од 400 племиња и организации, кои застапуваат околу 80 отсто од граѓаните што припаѓаат на домородните племиња, но, како што истакнува весникот, сите признаени племиња во САД ќе имаат право да добиваат пари од спогодбата. Претставниците на племињата тврдат дека средствата ќе бидат насочени кон програми за лекување и превенција од зависности. „Џонсон и Џонсон“ и дистрибутерите „Мекесон“, „Америсорс Берген“ и „Кардинал хелт“ минатата година понудија да платат 26 милијарди долари за намирување на слични побарувања од државите и од локалните власти.
Поради опиоидната криза, која, нагласува весникот, е поврзана со повеќе од 500.000 смртни случаи во САД за две децении, досега се постигнати порамнувања и казни во вредност од околу 40 милијарди долари за американските компании. Според договорот објавен на 1 февруари, средствата ќе им се исплаќаат на племињата побрзо отколку на сојузните држави, посочува „Волстрит журнал“, додавајќи дека во илјадници судски процеси, државата, локалните власти и домородните племиња тврделе дека фармацевтската индустрија одиграла значајна улога во поттикнувањето на опиоидната епидемија.

Компанијата „Џонсон и Џонсон“, која наведува дека спогодбата не е признавање вина, се согласила на племињата да им плати 150 милиони долари за две години, наспроти петте милијарди долари што треба да им ги исплати на државите во период од девет години. Дистрибутерите на лекови ќе платат повеќе од 439,9 милиони долари во текот на седум години. Тоа, додава американскиот весник, е одвоено од спогодбата од 75 милиони долари постигната меѓу дистрибутерите и народот Чероки.
Според анализата на „Вашингтон пост“, од 2006 до 2014 година, домородните Американци имале речиси 50 проценти поголема веројатност да умрат од предозирање со опиоиди отколку недомородците. Племињата тврдат дека биле бомбардирани со лекови против болки, кои предизвикуваат голема зависност, произведени од „Џонсон и Џонсон“ и испорачани од дистрибутерите и покрај јасните знаци на злоупотреба и смрт. Компаниите ја негираат нивната вина, тврдејќи дека ги почитувале федералните закони за лекови.
Договорот, објавен во Окружниот суд во Кливленд, седиште на спорот за опиоиди во САД, ќе може да се реализира откако ќе биде потпишан од огромното мнозинство племиња што ја поднеле тужбата, по што парите ќе им бидат доделени на сите племиња.
Според пописот од 2018 година, 6,8 милиони луѓе се идентификуваат како Индијанци од Алјаска или домородни луѓе, што е 2,1 отсто од населението на САД. Нешто помалку од половина живеат во или во близината на племенските земји и, како што истакнува њујоршкиот весник, веројатно ги исполнуваат условите за добивање племенски услуги како што е здравствената заштита.