Красимир Каракачанов неодамна поднесе оставка од лидерската функција во ВМРО-БНД

Преговорите за членство на Македонија во ЕУ треба да се прекинат на две години, се додека сакаат да се блокира историската комисија, ова се наведува во официјален став на ВМРО испратен до бугарските медиуми, кој го пренесе „БГНЕС“. ВМРО-БНД ја обвинува и актуелната бугарска власт во врска со актуелните односи со Македонија, а изразува и незадоволство поради, како што се вели во соопштението, одбивањето на македонските власти да преговараат за клучните прашања.

– Од страна на политичарите и историчарите во Скопје има многу официјална демонстрација на одбивање да се преговара за клучните прашања, имено – заштита и почитување на правата на нашите браќа од другата страна на границата, запирање на говорот на омраза кон нашата земја и откажување од претензиите кон историјата. Затоа ние од ВМРО ја повикуваме Владата на Република Бугарија еднострано да ги прекине преговорите за членство на Република Македонија во ЕУ за периодот за кој сакаат да ја блокираат работата на историската комисија. Ова е предлог од оние кои бараат членство – да го исполниме – се бара во реакцијата на бугарската партија.

Покрај остриот став за евроинтеграциите на Македонија, опозициската бугарска партија изнесува провокации и по повод чествувањето на Гоце Делчев, поради незадоволство од начинот на кој се одбележува 150-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.

– А ако службениците во Скопје не го почитуваат споменот на Гоце Делчев, нека му ги вратат коските во Домот на македонските Бугари во Софија! Бугарија го сака војводата и соодветно ќе го почитува – се вели во реакцијата, во која се додава дека со историјата на Бугарија не треба да се тргува.