Околу 60.000 украински војници дезертираа во првите 10 месеци од оваа година, што е речиси двојно повеќе од претходните две години, додека Русија освојува се повеќе нови украински територии – пишува „Фајненшл тајмс“.
Весникот наведува дека Украина се обидува да ги пополни своите редови на првата линија, додека Русија се повеќе напредува.
Од јануари до ноември оваа година, обвинителите во Украина отворија 60.000 случаи против војници поради напуштање на воените единици без дозвола.
Стотици украински војници ја напуштија 123-та бригада во Угледар во областа Доњецк на крајот на октомври, а некои војници се вратија во регионот на Миколаев, каде што одржаа јавен протест барајќи повеќе оружје и обука за армијата.
– Во Угледар стигнавме само со митралези, рекоа ќе има 150 тенкови, но има 20 – изјави за новинарите офицер на 123. бригада. Локалните власти соопштија дека дел од дезертерите од 123. бригада веќе се вратиле во фронтот – објави „Униан“.
Покрај тоа, некои војници ја користат можноста да ја напуштат Украина со одење во странски кампови за обука. Полски функционер за безбедност изјави за новинарите дека во просек околу 12 Украинци бегаат секој месец од воените кампови за обука во Полска.