Договорот меѓу Москва и Минск за распоредување на нестратешко нуклеарно оружје во Белорусија не придонесува за деескалација на ситуацијата, изјави денеска портпаролот на Европската комисија Петер Стано.
– Се разбира, ова не е чекор кон деескалација, ова не е чекор кон намалување на тензиите. Ова е чекор што само ги зголемува тензиите, што може да се гледа како натамошна ескалација и натамошна провокација во контекст на нелегалната агресија на Русија и Белорусија, која соработува со Москва – изјави Стано.
Тој додаде дека Европската унија многу внимателно ќе го следи развојот на ситуацијата.
Министрите за одбрана на Белорусија и на Русија, Виктор Хренин и Сергеј Лавров денеска во Минск потпишаа документи со кои се дефинира процедурата за складирање на руското нуклеарно оружје во специјално складиште на белоруска територија.
– За време на состанокот беа потпишани документи со кои се дефинира процедурата за складирање на руско нестратешко нуклеарно оружје во посебен капацитет за складирање на територијата на Република Белорусија – се наведува во соопштението на белоруското Министерство за одбрана.
За да избегне двосмисленост поврзана со тактичкиот нуклеарен арсенал на Русија во Белорусија, Шојгу појасни дека контролата врз оружјето и одлуката за негово користење остануваат привилегија на Москва.
Шојгу истакна и дека западните земји во суштина почнале необјавена војна против Москва и Минск.
– Денес стоиме заедно против колективниот Запад, кој во суштина води необјавена војна против нашите земји – наведе Шојгу.
Тој додаде дека во тек е спроведувањето на мерките за зголемување на борбената готовност на обединетите вооружени сили на НАТО во Источна Европа.
– Се распоредуваат дополнителни воени контингенти и се распоредува воена инфраструктура, се интензивираат борбените и извидувачките активности во близина на границите на сојузната држава (наддржавна унија меѓу Русија и Белорусија) – посочи Шојгу.