Фото: Ердоган/принтскрин

Најмалку 8.574 лица загинаа, а 49.133 се повредени во Турција по двата силни земјотреса што во понеделникот го потресоа јужниот дел на земјата, потврди во средата турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува „Анадолија“.

Ердоган денеска го обиколи регионот Кахраманмарас, кој беше најтешко погоден од разорниот земјотрес, за кој се проценува дека е најголемата катастрофа што ја погоди Турција во последните 100 години.

– Досега имаме 8.574 мртви, 49.133 повредени, имаме 6.444 урнати згради – рече Ердоган на прес-конференција по посетата на шаторската населба.

Тој понатаму изјави дека државата ги мобилизирала сите свои ресурси и организации предводени од АФАД.

– Нашите граѓани не треба да се грижат, никогаш нема да дозволиме да останат на улица – рече Ердоган.

Телефонски броеви и сметки за донација за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија: Да помогнеме!

Претседателот Ердоган рече дека на граѓаните погодени од земјотресот им се обезбедени сериозни сместувачки капацитети во хотели во градовите Анталија, Мерсин и Аланија, на јужниот брег на Турција.

Сите граѓани кои ќе посакаат, ќе може да се преселат во овие градови, каде што ќе им биде обезбедено сè, а што ќе им ја олесни работата на спасувачките служби на терен во наредниот период.

Ердоган додаде дека на сите семејства погодени од земјотресот ќе им бидат исплатени по 10.000 турски лири за да им се олесни во овие тешки моменти.

– Нашата цел е да извршиме масовни операции за домување во 10 града в година, исто како што направивме во другите провинции во кои доживеавме катастрофи – додаде Ердоган.

Според податоците на АФАД, за преживеаните биле поставени вкупно 50.818 шатори. На терен се испратени 5.434 возила, меѓу кои багери, трактори и булдожери.

За да ги забрза операциите за пребарување и спасување, Турција во вторникот прогласи тримесечна вонредна состојба во десет провинции, вклучувајќи ги Адана, Адијаман, Дијарбакир, Газијантеп, Хатај, Кахраманмарас, Килис, Малатија, Османије и Шанлиурфа, пренесе „Н1.рс“.