Шведската влада издвои 670 милиони долари како компензација на домаќинствата поради драстичното поскапување на струјата, изјави министерот за финансии, Микел Дамберг.

„Ова е итна мерка во вонредна ситуација, не е вообичаено државата да дава помош поради флуктуацијата на цените на пазарот“, изјави Дамберг за шведската медиумска куќа СВТ.

Цените на струјата драстично скокнаа, па, така, на пример, сметката за просечен стан во најнаселените, јужни делови на Шведска, порасна 266 отсто во декември.

„Не го очекувавме ова ниво на цените и ударот е голем“, рече Дамберг и додаде дека владата ќе издвои огромна сума како обесштетување на граѓаните.

Речиси 1,8 милион домаќинства ќе добијат отштета од приближно 220 долари за домаќинство во текот на зимата поради зголемените сметки за струја.

Струјата во Шведска расте поради студеното време и зголемената побарувачка, но и скокот на цената на бензинот на европскиот пазар.

Шведските медиуми јавуваат дека граѓаните на разни начини се обидуваат да ја намалат потрошувачката – од исклучување на радијаторите до алтернативни начини на греење, а некои Швеѓани земаат кредити за да си ги платат зимските сметки.

Шведска не е првата земја во Европа што воведе обесштетување за граѓаните поради скокот на цената на струјата бидејќи Норвешка неодамна го стори тоа, а Италија во септември воведе таква мерка, пренесува РT.