Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Најмалку 2.011 луѓе починале од почетокот на најновата епидемија на ебола во Демократска Република Конго, покажуваат најновите податоци на здравствените власти. Бројките укажуваат дека заразата се шири со досега невидено темпо.

Од почетокот на епидемијата се потврдени вкупно 4.381 случаи на зараза, од кои 2.011 завршиле со смртен исход. Во моментов 704 пациенти се на лекување и се наоѓаат во строга изолација.

Црниот биланс е достигнат за помалку од три месеци од официјалното прогласување на епидемијата, на 15 мај.

Особено загрижува брзината со која расте бројот на жртвите. За првите 1.000 смртни случаи биле потребни девет недели, додека вторите 1.000 жртви биле регистрирани за само три недели.

Здравствените власти и хуманитарните организации предупредуваат дека медицинската помош не стигнува доволно брзо до најоддалечените и тешко достапни подрачја, што дополнително го отежнува контролирањето на заразата.

Според Светската здравствена организација, епидемијата најверојатно започнала уште во февруари, неколку месеци пред официјално да биде идентификувана и прогласена. Станува збор за 17-та епидемија на ебола во ДР Конго.

Дополнителен проблем претставува и видот на вирусот што ја предизвикува епидемијата – реткиот Bundibugyo ebolavirus. За овој сој сè уште нема лиценцирана вакцина или специфична терапија, што ја прави контролата на епидемијата уште посложена.

Демократска Република Конго има долгогодишно искуство со еболата. Токму во оваа земја, во 1976 година, во близина на реката Ебола, вирусот за првпат бил идентификуван.

Новата епидемија повторно го става здравствениот систем на земјата пред сериозен предизвик, особено во услови кога бројот на заразени и починати продолжува да расте со алармантна брзина.