Фото: Принт-скрин

„Светот мора одлучно да одговори на сите руски обиди да го прекине украинскиот коридор за извоз на жито“, рече претседателот Владимир Зеленски.

Една од глобалните последици од руската војна против Украина е недостигот на храна и зголемувањето на трошоците за живот во многу земји, а договорот, постигнат со посредство на ОН и Турција на 22 јули, овозможи безбедно поминување на бродовите што превезуваат жито.

Русија се повлече од договорот изминатиот викенд, велејќи дека не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови поради нападите врз нејзината црноморска флота. Во своето ноќно видео обраќање, Зеленски рече дека бродовите сè уште ги напуштаат украинските пристаништа со товар благодарение на работата на Турција и ОН.

– Потребна е сигурна и долгорочна одбрана за коридорот за извоз на жито. Русија мора да биде јасно свесна дека ќе добие остар одговор од светот на какви било чекори што би го попречиле нашиот извоз на храна – рече Зеленски.

„Овде очигледно се загрозени животите на десетици милиони луѓе“, истакна украинскиот претседател.

Договорот за жито имаше за цел да помогне да се спречи гладот ​​во посиромашните земји со ставање повеќе пченица, сончогледово масло и ѓубрива на светските пазари и да се ублажи наглиот пораст на цените.

Координаторот на ОН за извоз на жито и ѓубрива според договорот твитна дека очекува натоварените бродови да ги напуштат украинските пристаништа во четврток.

Украинскиот министер за инфраструктура Олександар Кубраков на Твитер објави дека осум бродови се очекува да поминат низ коридорот во четврток.

Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека е можно повторно пристапување на Русија кон договорот за жито по истрагата за нападот на Севастопол и безбедносните гаранции на Украина, соопшти прес-службата на Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.

– Неопходно е да се спроведе детална истрага за околностите за обидот за напад врз инфраструктурата и бродовите на Црноморската флота во Севастопол, како и добивање реални гаранции од Киев за строго придржување кон Истанбулските договори, особено некористење на хуманитарен коридор за воени цели. Дури потоа би можело да се размислува за продолжување на активностите во рамките на Црноморската иницијатива – се наведува во соопштението на Кремљ, пренесува ТАСС.

Претседателот на Русија потсети и дека не е исполнет вториот дел од пакетот договор, кој требаше да го деблокира извозот на руски земјоделски производи и ѓубрива на светските пазари.

Ердоган му рекол на Путин дека Турција продолжува да ги презема неопходните чекори за решавање на проблемите поврзани со спроведувањето на договорот за жито.

Русија во саботата објави дека го суспендира своето учество во договорот за жито по нападот во Севастопол врз воените бродови на Црноморската флота и трговските бродови ангажирани за обезбедување на коридорот за жито.

Договорот што го постигнаа Украина и Русија на 22 јули во Истанбул, со посредство на Обединетите нации и Турција, резултираше со извоз на неколку милиони тони прехранбени производи од пристаништата на Црното Море во Украина.