Фото: МИА

Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин изјави дека Турција верува дека Договорот за извоз на жито од Украина може да доведе до прекин на огнот меѓу Москва и Киев.

– Не сакам да звучам премногу оптимистички, но Договорот всушност може да ја постави основата за доверба за која зборувавме претходно, што може да доведе до обновени преговори за прекин на огнот, за размена на затвореници, можеби, дури и до мировно решение – истакна Калин во интервју за Си-ен-ен.

Тој наведе дека е премногу рано да се каже што може да се случи, но ја нагласи потребата да се надгради Договорот.

Калин ја повика меѓународната заедница не само да го пофали постигнувањето на Договорот, туку и да се обиде да го надгради преку позитивни чекори.

Тој го коментираше и рускиот напад во саботата врз украинското пристаниште Одеса, посочувајќи дека Турција е во близок контакт и со Москва и со Киев.