Фото: Принтскрин

Во Москва се одржува воена парада по повод 78-годишнината од победата над фашизмот, а на парадата на Црвениот плоштад присуствува и претседателот на Русија, Владимир Путин.

Откако министерот за одбрана Сергеј Шојгу го поднесе својот извештај, Путин застана на говорницата и ги поздрави војниците, гостите и граѓаните, јавуваат светските медиуми.

– Денес цивилизацијата повторно е на пресвртница, започна вистинска војна против нашата татковина, но ние ќе ја осигуриме нашата безбедност – рече Путин.

Тој додаде дека Русија се залага за мирна и стабилна иднина.

– Секакви идеологии за супериорност се недозволиви – рече Путин.

– Западните елити зборуваат за својата ексклузивност, си играат со луѓето и предизвикуваат крвави конфликти, сејат русофобија и агресивен национализам – изјави првиот човек на Русија.

Како што истакна, „Западот заборави кој го победи монструозното глобално зло“.

Според Путин, „Украинците станаа заложници на криминалниот режим, преговарачки инструмент во нивните сурови и платенички планови“.

Тој го обвини Западот дека предизвикува конфликти и револуции, уништувајќи ги вредностите.

– Ние одиме по стапките на нашите претходници. Горди сме на нашите војници, оние кои се борат на линијата на фронтот. Нема ништо на светот посилно од нашата љубов кон татковината. Да живее Русија, нашата армија, победата – рече тој и додаде дека од нив зависи иднината на земјата и на народот.

На парадата присуствуваат и лидерите на Белорусија, Киргистан, Таџикистан, Узбекистан, Ерменија и Казахстан.

Низ плоштадот ќе продефилираат единици на вооружените сили на Руската Федерација, единици на Националната гарда, Федералната служба за безбедност, Министерството за вонредни ситуации и други структури.

Познато е дека на парадата, како и пред една година, ќе присуствуваат единици вклучени во руската воена операција во Украина. 78-годишнината од победата во Големата патриотска војна ќе се слави во сите руски региони, пренесе агенцијата ТАСС.