Американската морнарица е подолго време присутна во и околу Филипини – момент од минатогодишните маневри на маринците

Според воените аналитичари, целта на САД е да се спречи понатамошното кинеско проширување во Јужно Кинеско Море и да се обезбеди место Вашингтон да има надзор на кинеските воени движења околу Тајван

САД СЕ ОБИДУВААТ ДА ЈА ОПКРУЖАТ КИНА

Изминатиов период вниманието на експертската јавност го привлекуваат чекорите што ги преземаат САД за отворање четири дополнителни воени бази на Филипините во обид да ги следат кинеските чекори на „линијата на фронтот“ во Јужно Кинеско Море и околу Тајван. Со ова Америка практично обезбеди непречен надзор над сѐ што се случува од Јужна Кореја и Јапонија на север, до Австралија на југ.
Светските аналитичари посочуваат дека тоа е обид на САД да се спротивстави против Кина, на нејзин терен. Сепак, на враќањето на американските војници на Филипините остро се противат левичарските групи во оваа земја. Избија масовни демонстрации, при што револтираните демонстранти го запалија американското знаме.
Поради зголемената загриженост околу евентуалниот конфликт околу Тајван, Филипините би можеле да понудат „заднина“ за воените операции на САД, па дури и место за евакуација на бегалците, анализираат светските медиуми. Пекинг, од друга страна, посочи дека нема намера да дозволи новиот договор за базата меѓу Манила и Вашингтон да ги наруши нејзините односи со соседот.
Алката што недостигаше беа токму Филипините, кои се граничат со двете најголеми потенцијални жаришта, Тајван и Јужно Кинеско Море. Сите нови американски објекти ќе бидат во постојните филипински бази. Американските војници ќе пристигнат во мали групи и ќе бидат во постојана ротација. Иако базите нема да имаат толку војници како порано, неофицијалните извештаи покажуваат дека Пентагон бара нови локации во Кагајан, Замбалес, Палаван и Изабела. Целта е да се спречи понатамошното кинеско проширување во Јужно Кинеско Море и да се обезбеди место за САД да ги набљудуваат кинеските воени движења околу Тајван.

НАТО И ПАЦИФИКОТ

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, деновиве ги посети земјите од Далечниот Исток, Јужна Кореја и Јапонија, за да ја добие нивната поддршка во снабдувањето и опремувањето на украинската армија. Инаку, по падот на Берлинскиот ѕид, сојузот се прошири во Источна Европа и има амбиции да ги привлече централноазиските републики од поранешниот СССР, но и да ги опколи Русија и Кина. Затоа, во последниве години, го фокусираше своето внимание на продлабочување на воените врски со традиционалните американски сојузници во Азиско-пацифичкиот Регион, Јужна Кореја, Јапонија, Австралија и Нов Зеланд.
Така, од 2020 година, воените бродови на европските членки на НАТО, Велика Британија, Холандија и на Германија, ќе бидат вклучени во американските и јапонските патроли во Јужно и Источно Кинеско Море.
– САД не бараат постојани бази. Се работи за места, а не за бази – вели Грегори Б. Полинг, директор на програмата за Југоисточна Азија во Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон.
САД, имено, сѐ повеќе бараат пристап до места каде што може да се спроведуваат „лесни и флексибилни“ операции по потреба, наместо да отвораат и да одржуваат бази каде што ќе бидат стационирани голем број војници.
Во едиторијалот објавен што се совпаѓа со пристигнувањето на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин во Манила, кинескиот државен весник „Глобал тајмс“ ги обвини САД дека „поставуваат стапица на Филипините“ и „се обидуваат да ги турнат Филипините на првата линија на конфронтација со Кина“.

Пјонгјанг лут

МНР на Северна Кореја предупреди дека воените маневри на сојузниците на САД и на Јужна Кореја во Жолто Море ја доведоа ситуацијата до „екстремно црвена линија“ и се закануваат да го претворат целиот Корејски Полуостров во „огромен воен арсенал и критична воена зона“. Пјонгјанг вели дека не е заинтересиран за дијалог сѐ додека Вашингтон води непријателска политика.
Историјата на насилство и злоупотреба од страна на американските војници на Филипините е уште почувствителна тема. Се проценува дека околу 15.000 деца останале со своите мајки Филипинки кога нивните татковци Американци си заминале дома.
– Имаме долга историја на нееднаквост во нашите односи. Има историја на силување, злоупотреба на деца и токсичен отпад – потсетува Ренато Рејес, генерален секретар на левичарската Нова патриотска алијанса.


Повторно амбасада на Сoломонските острови

Во контекст на случувањата во овој дел од светот, вреди да се спомне податокот дека по 30 години, Белата куќа реши повторно да испрати дипломати на Соломонските Острови, во американската амбасада што своевремено беше затворена како вишок. Сега САД повлекоа дипломатски потег што е насочен кон Пекинг, сметаат експертите.
Некои од медиумите веќе го протолкуваа повторното отворање на американската амбасада на Соломонските Острови „како дел од напорите да се спротивстави на туркањето на Кина кон Пацификот“.

САД веќе имаа ограничен пристап до пет локации според Договорот за зајакната одбранбена соработка (ЕДЦА). Со дополнителните локации, САД би имале пристап до вкупно девет воени бази, а Вашингтон објави дека ќе издвои повеќе од 82 милиони долари за инфраструктурни инвестиции на постојните локации.
Потпишан во 2014 година, ЕДЦА им дозволува на американските сили да градат објекти, да донесат опрема и да одржуваат заеднички вежби за обука во заеднички договорени бази на Филипините. Договорот им дозволува на САД да ротираат војници на Филипините за подолг престој, но не им овозможува постојано присуство во земјата.