Фото: Ердоган/принтскрин

Бројот на загинати во катастрофалните земјотреси што во понеделникот ја погодија јужна Турција се искачи на 16.546, изјави попладнево турскиот претседател Реџеп Таји Ердоган.

Се зголемува и бројот на жртвите во Сирија. Во делот од земјата што е под контрола на владините сили загинале 1.347 лица, додека на северозападот на земјата, кој е под контрола на опозицијата, животот го загубиле 1.930 лица.

Во меѓувреме, ОН проценуваат како да им помогнат на Турција и Сирија. Високиот функционер на ОН Мартин Грифит ќе ги посети Газиантеп во Турција и Алепо и Дамаск во Сирија овој викенд за да ги процени потребите на луѓето таму и да види како Обединетите нации можат најдобро да помогнат, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

Тој посочи дека е неопходно да се испрати поголема помош на северозападот на Сирија, кој е под контрола на опозицијата.

– Патиштата се оштетени, луѓето умираат. Сега е време да се истражат сите можности за собирање помош и испраќање персонал во областите погодени од земјотресот. Мораме да ги ставиме луѓето на прво место, им рече Гутереш на новинарите во Њујорк.