Фото: Твитер/илустрација

Поморските власти на Велика Британија денеска соопштија дека имало две експлозии во близина на брегот на Јемен во Црвеното Море. До нив дошло откако се забележани дронови и проектили во два одвоени инциденти.

Два дрона беа забележани непосредно пред првата експлозија, која се случи на околу пет наутички милји оддалеченост од едно од пловилата, кое беше на 50 наутички милји западно од јеменскиот крајбрежен град Ходеја.

Во одделен инцидент, се случила експлозија и биле забележани проектили на околу четири наутички милји од бродот на 60 милји од Ходеја.

Како што е наведено, не е јасно дали истиот брод бил вклучен во двата инцидента, бидејќи и двата брода остануваат неидентификувани. Не се познати ниту детали за тоа каков товар превезувале пловилата, ниту во кој правец се движеле. Британските власти не соопштија од која насока летале беспилотните летала или од каде биле истрелани.

Инцидентите се случија една недела откако САД најавија започнување меѓународна иницијатива за поморска безбедност во Црвеното Море, како одговор на нападите на јеменските Хути врз бродови во морето.