Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус денеска изјави дека болницата „Насер“ во Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, не работи по еднонеделната опсада на израелската војска и рацијата која се уште трае.
– Вчера и завчера на тимот на СЗО не му беше дозволено да влезе во болницата за да ја процени состојбата на пациентите и критичните медицински потреби, и покрај тоа што стигна до болничкиот комплекс за да достави гориво, заедно со партнерите – објави Гебрејесус на платформата „Икс“.
Според него, во таа болница има уште околу 200 пациенти, а најмалку 20 од нив мора итно да бидат препратени во други болници за да добијат соодветна здравствена заштита бидејќи, како што истакна, медицинската нега е право на секој пациент, пренесува палестинска новинска агенција.
Генералниот директор на СЗО предупреди дека „пациентите ќе платат со живот за одложување на помошта“ и повика на полесен пристап до пациентите и болниците за да се спасат животи.
Палестинската „Црвена полумесечина“ денеска соопшти дека израелските сили истрелале артилериски гранати на третиот кат на болницата „Ал-Амал“ во Кан Јунис.
Под силен израелски артилериски оган е и околината на болницата „Ал-Амал“, која предизвика материјална штета, се наведува во соопштението на палестинската „Црвена полумесечина“.
Телекомуникациските услуги, вклучувајќи фиксни, мобилни телефони и интернет услуги, се прекинати во Кан Јунис веќе 34 дена, што доведе до прекин на комуникацијата меѓу различните тимови на „Црвената полумесечина“, се вели во соопштението.