Фото: Фејсбук/Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави денеска дека, без оглед на оптимистичките изјави на некои европски претставници, во моментов не гледа решение за регистарските табличките на Косово. Тој порача и дека нема да има Еуропрајд и дека оваа одлука не може да се смени, јави дописникот на МИА од Белград.

-Европските политичари (Жозеп Борел) се многу попаметни и посериозни од мене и не мора да бидат „намќори“ како мене и да имаат оптимистичко сценарио во главата. Во моментов не гледам никакво решение и на 1 септември тие ќе одат со својата кампања и ќе се обидат да ги натераат Србите да ги сменат табличките. Мислам дека нема да бидат многу успешни во тоа – истакна Вучиќ.

Тој кажа дека Албин Курти во Брисел рекол дека верува оти ќе биде голем успех доколку Србите ги заменат КМ табличките со РКМ.

-Тоа е процес кој ќе продолжи, ние секако се соочуваме со овој проблем од 1 септември, тоа нема можност да се реши пред 1 септември. Но, треба да почекаме и да видиме, очекувам важни разговори по Отворен Балкан и посетата на Ердоган. Ќе имаме многу посредници кои ќе дојдат од Европа и светот, но во моментов не гледам можност за напредок бидејќи Приштина нема желба да разговара за рационални и компромисни решенија – рече Вучиќ.

Вучиќ кажа дека е донесена одлука Европрајд да не се одржи и дека тоа нема да се менува.

-Само што донесовме одлука да не ја одржиме парадата. Бајден може да ме повика мене или Брнабиќ, кого и да е, може да се јават Путин или Ердоган, нема да има промена во одлуката – подвлече Вучиќ и додаде дека државата не е среќна со забраната за тој собир и посочи дека државата сега има поважни проблеми, како Косово и енергетиката.

-Кога ги имате сите овие проблеми и притисоци околу воведувањето санкции против Русија, а знаеме во нашиот пример дека тие не носат ништо добро бидејќи ние бевме жртви на тие санкции. Кога го имате сето ова, политичката сцена станува се повеќе екстремна, опозицијата сака да протестира затоа што ќе се забрани прајд, други протестираа затоа што не е забранет. Сите протестираат против државата – нагласи Вучиќ.

Тој на прашањето како ќе се однесува Србија во наредниот период со оглед на големиот притисок за воведување санкции кон Русија, одговори дека Србија за тоа се огласила пред речиси 190 дена на основа на одлуката на Советот за национална безбедност и истакна дека во овој момент воопшто не се размислува за промена на оваа политика.

-Мислам дека испадна паметна политика што ја водиме без оглед на сите тешкотии и притисоци. Некои би рекле дека може да се сними петпарачки филм кога би се напишало кога ќе кажам низ што се поминавме од притисоците во врска со санкциите. Тоа би било по обем на Марксовиот „Капитал“ – истакна тој.