Претседателот на Српската напредна партија (СНС) Александар Вучиќ го предложи Милош Вучевиќ за нов лидер на таа партија. Вучевиќ е правник и политичар, а во моментов е министер за одбрана на Србија, потпретседател на Владата и потпретседател на СНС.
Вучиќ на Собранието на СНС што се одржува во Крагуевац изјави дека по друга точка од дневниот ред и формално ќе го предложи Вучевиќ за претседател на партијата.
-Предлагам да го избереме Милош Вучевиќ за претседател на СНС, а тој, се разбира, ќе се консултира со сите нас за да донесе одлуки за идното раководство и претседателството – рече Вучиќ обраќајќи им се на присутните делегати.
Српскиот претседател нагласи дека никогаш нема да ја напушти СНС, но дека е време да се повлече од нејзиното раководство.
– Премногу ја сакам оваа партија. Оваа партија, заедно со моите деца, е мојот живот. Нема да ја напуштам оваа партија додека сум жив – изјави Вучиќ.
Тој додаде дека смета оти е потребен „малку поинаков пристап“, обединување на поголем број сили на оние кои сакаат да се изборат за победа на родољубива и успешна Србија, мислејќи на формирањето на Народно движење за државата, чие основање го најави претходно.