Фото: Принтскрин

Три лица во загрепската болница „Ребро“ починаа денеска по заразата со легионела, објави хрватски „Индекс“.

Вкупно шест лица се заразиле со легионерска болест и тоа во болница. Сите преостанати инфицирани имаат тешки коморбидитети и се имунокомпромитирани.

КБЦ – Загреб претходно потврди дека легионела се појавила во болница и дека ја изолирале во водата. Од болницата рекоа и дека во 17 часот ќе одржат прес-конференција.

– Веднаш го алармиравме Хрватскиот институт за јавно здравје, кој ги направи сите анализи и бактеријата е изолирана во водоводниот систем, во моментот во тек е пастеризацијата, односно се пушта топла вода од сите чешми во болницата – изјавил Миливој Новак, помошник-директор за квалитет.

Легионолезата или Легионарската болест е инфекција на белите дробови (пневмонија) предизвикана од бактерии од фамилијата Легионела.

Бактеријата Легионела пневмофилија обично се наоѓа во водените извори со температура која се движи помеѓу 35 до 46 степени Целзиусови, а една друга бактерија од фамилијата Легионела, Легионела лонгбеацае најчесто се наоѓа во почвата и во земјата за садење растенија.

Легионерската болест најчесто предизвикува температура, треска и кашлица, како и болки во мускулите, главоболка, замор, губење на апетитот и дијареја. Легионерската болест понекогаш може да биде смртоносна.