Фото: „Нова Македонија“

Албанија

Албанија и Азербејџан ќе соработуваат за гасификација на Корча. Гасификацијата во втората фаза ќе се прошири и кон Поградец и Ерсек, а потоа и во други албански градови, што е потврдено преку меморандум потпишан во Баку, во присуство на претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, и албанскиот премиер Еди Рама, кој учествува на 29-та Конференција на страните на конвенцијата на Обединетите нации за климатски промени (КОП29).
Второ, официјална Тирана преку својот премиер Еди Рама во Баку потпиша и договор за формирање заедничка компанија за производство на електрична енергија помеѓу Албанија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), односно помеѓу албанската електрокорпорација КЕШ и гигантот на ОАЕ „Масдар“, обезбедувајќи уште еден значаен електроенергетски ресурс.

Почеток на проектите во наредната 2025 година

Реализацијата на проектот со Азербејџан почнува во 2025 година, а целта е гасификација на целата територија на земјата, изјави албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку по потпишувањето на меморандумот.
– Ова е многу добра вест, која долго време е разгледувана меѓу „Албгаз“ и СОКАР, а сега станува реалност. Нашите планови се што поскоро да почнеме со работа, почнувајќи од инженерскиот дел. Се очекува работата да започне во 2025 година и да заврши во 2027 година. Имаме намера да создадеме цела дистрибутивна мрежа, која го покрива целиот град Корча, но и градските бизниси – посочи Балуку.
Проектите за гасификација на Албанија, според Балуку, ќе продолжат до 2030 година.
– Колку се зголемува планот за гасификација на Албанија, толку се намалуваат трошоците. Во почетокот државата ќе ја поддржи оваа нова процедура, овој нов производ, проширувајќи го и на подрачјето на Поградец и Ерсек. Прогнозираме дека оваа гасификација на државата ќе продолжи до 2030 година, покривајќи поголем дел од градовите што имаат и индустриски делови – најави Балуку.

Договорот на Албанија со Обединетите Арапски Емирати оценет како „еден од најважните во енергетскиот сектор, со широко влијание во регионот“

Албанската вицепремиерка и министерка за инфраструктура и енергетика Белинда Балуку во јавноста го оцени и договорот со ОАЕ како „еден од најважните во енергетскиот сектор, со широко влијание во регионот“.
– За време на конференцијата во Баку потпишавме еден од најважните договори за соработка со гигантот „Масдар“. Оваа компанија работи долго време на Балканот, но сега со КЕШ се создава заедничка компанија, која ќе инвестира во целата област на Западен Балкан, но пред сѐ во Албанија – истакна во јавноста Балуку.
Претставникот на „Масдар“, пак, истакнал дека компанијата „како глобален лидер во обновливите извори на енергија е горда што го потпишале овој договор со Албанија, особено со КЕШ“, притоа додавајќи дека „Масдар“ е многу активна во Балканскиот Регион.
Министерката Балуку додаде дека Албанија е ангажирана во заштитата на животната средина и целта е повеќе да не се користи огревно дрво за затоплување, односно енергијата и економијата на обновливите извори на енергија се врвен приоритет за државата. Р.С.