Хрватските научници ја открија суперсиметријата на генетскиот код

Хрватската јавност деновиве со посебно интересирање ја проследи информацијата во која се даваат поопширни толкувања за големото откритие на двајца научници Марија Росандиќ и Владимир Паар, кое го објавија во меѓународното списание „Биосистемс“ во август минатата година. Откако нивното откривање на суперсиметријата на генетскиот код стана достапно за светската научна јавност, каде што се разви богата дискусија и се искажаа блескави епитети, сега и широката домашна, хрватска јавност имаше можност изворно да дознае за што станува збор. Односно да дознае нешто повеќе за откритието за кое Паар вели дека е „една од тајните на генетиката што многу светски научници неуспешно се обидувале да ја откријат повеќе од половина век“. Според Паар, поедноставно кажано, генетскиот код е начинот на кој со помош на 64 генетски „карактери“ во сите живи суштества се шифрираат 24 „производи“.
Во исто време, секој „знак“, т.н кодон, се состои од три нуклеотиди. Постојат четири типа нуклеотиди, означени со буквите A, G, C, T за ДНК и A, G, C, U за молекулата на РНК. „Производот“ се 20 вида аминокиселини, од кои се изградени белковините (протеини), а сите живи суштества, од вируси до луѓе, се изградени од протеини.
Така, генетскиот код е правило што кажува кој протеински „производ“ на кој генетски „знак“ одговара“, истакнува Паар.
– Математички беше утврдено дека бројот на различни можности за спојување на 64 со бројот 20 е незамисливо голем, односно е околу 10 на 84 степени, односно број што има дури 84 нули зад единицата. Можеме да замислиме колку е голем тој број со тоа што е споредлив по големина со бројот на атоми во универзумот – објаснува Паар.

Можеби наскоро следува и нов поглед на потеклото на животот и еволуцијата

Во својата теорија, Росандиќ и Паар тргнуваат од генералниот став на Ајнштајн во физиката, кој смета дека симетриите, во многу поширока смисла од вообичаената, се доминантен концепт во основните закони на физиката, така што принципот на симетрија се смета за примарна особина на природата. Така што принципите на симетрија ги диктираат основните закони на природата.
Со ова откритие, авторите доаѓаат до ново гледиште за потеклото на животот и еволуцијата врз основа на симетрии, кое смета дека не постоела еволуција на генетскиот код, туку дека тој е постојан и непроменлив од почетокот на животот, исто како што бројот и видот на стандардните аминокиселини се константни и непроменливи.
– Со други зборови, тоа значи дека сите аминокиселини и генетскиот код се присутни уште од почетокот на развојот на животот како конкретна реализација на оваа фундаментална симетрија. Тоа златно правило на еволуцијата е универзално и непроменливо во текот на еволуцијата за сите живи суштества на Земјата – објаснува Паар.

Два месеца подоцна, дополнителни и потврдни научни докази од Јапонија

Два месеца по објавувањето во светската научна јавност, теоријата доби дополнителни аргументи со откритието на јапонските научници дека на астероидот Рјугу, оддалечен 300 милиони километри, што е двојно повеќе од растојанието помеѓу Земјата и Сонцето, има примероци од аминокиселини, кои се основниот материјал на сите живи суштества на Земјата.
– Заедно со сензационалното откритие на јапонските научници, списанието „Сајнс“ објави писмо во кое го презентира нашето откритие за суперсиметријата, што му дава теоретска рамка за јапонскиот резултат – истакнува Паар.
Кога се зборува за ова блескаво откритие, треба да се додаде дека како коавтори во претходните текстови за ова истражување учествуваа уште неколкумина други научници од Хрватска, особено Матко Глунчиќ, Инес Влаховиќ, Иван Басар и Ненад Павин.

Ангел Митревски специјално за „Нова македонија“ од Хрватска