Фото: Архива

Анкета на Институтот за европски работи во Белград

Србија остварува најдобри односи со Унгарија, Босна и Херцеговина и со Македонија, покажува најновата анкета спроведена од Институтот за европски работи во Белград. За најдобри соседи, анкетираните граѓани во Србија ги сметаат жителите на Унгарија (37 отсто), Босна и Херцеговина (14 отсто), Македонија (11 отсто), Црна Гора и Романија (со по 7 отсто од испитаниците). За обележување е дека Македонија добива сѐ поголема популарност во набљудуваниот период (од март 2018 до мај 2023 година) во однос на претходните мерења.
Ова е осма година по ред како Институтот за европски работи го прави ова испитување на јавното мислење, годинава во соработка со истражувачката куќа „Смарт плус рисрч“. Во периодот од 11 до 29 мај годинава, истражувањето беше спроведено за да се испита јавното мислење за ставовите на граѓаните кон Европската Унија. Истражувањето беше спроведено на репрезентативен примерок од 1.200 испитаници на територијата на Република Србија.
Грција падна од првото на второто место (20 отсто), а секој десетти испитаник не гледа ниту една земја за пријател на Србија. Само 5 отсто од анкетираните граѓани сметаат дека Германија е најголем пријател на Србија.
За 26 отсто од испитаниците, Велика Британија е најголемиот непријател на Србија во Европската Унија (со забелешка што таа веќе некое време не е членка на ЕУ), додека Хрватска е на второ место во ова истражување со 17 отсто.
Според 11 отсто од испитаниците, Германија е нивен непријател, додека една петтина не гледаат ниту една земја во Европската Унија како непријателска кон Србија.
Членството на Србија во ЕУ го поддржуваат 46 отсто (главно испитаници на возраст од 45 до 59 години), 37 отсто имаат спротивно мислење, додека 17 отсто од нив не се изјасниле, покажуваат резултатите од анкетата на Институтот за европски работи.